Спортска Регулатива

30 минути пред почеток на формацискиот круг, се отвора излезот од боксовите и на болидите им е дозволено да извршат инсталациски круг. На крајот на овој круг тие се местат на гридот и ги гаснат моторите.

Доколку возачите сакаат да извозат повеќе од еден инсталациски круг, тоа мора да се стори преку поминување низ бокс на крајот на секој од овие кругови со значително намалена брзина.

На секој болид кој нема да помине инсталациски круг или да се намести на гридот под сопствена моќ, нема да му биде дозволено да стартува од стартниот грид.

17 минути пред стартот на формацискиот круг, се активира предупредувачки сигнал кој  означува дека излезот од боксовите ќе биде затворен за 2 минути.

15 минути пред стартот на формацискиот круг, излезот од боксовите се затвора и се означува втор предупредувачки сигнал.

Секој болид кој е сеуште во боксовите може да стартува од крајот на боксовите, само доколку е наместен таму под своја моќ. Доколку повеќе од еден болид се во таква ситуација, тие мора да се наместат во истиот редослед како при квалификациите. Но, секој болид кој ќе стигне до крајот на боксовите по сигналот од 5 минути, мора да стартува позади болид кој веќе се наоѓа таму.

Болидите кои стартуваат од боксовите може да се приклучат во трката откако сите останати ќе го поминат излезот од боксовите по стартот на трката.

Постојат сигнали кои се означуваат на 10 минути, 5 минути, 3 минути, 1 минути и 15 секунди пред стартот на формацискиот круг.

Кога ќе биде означен сигналот од 10 минути, сите освен возачите, официјалните лица и техничкиот персонал на тимот, мора да го напуштат гридот.

Кога ќе биде означен сигналот од 3 минути, сите болиди мора да имаат тркала на себе. Секој возач чијшто болид нема тркала, ќе добие казна.

Кога ќе биде означен сигналот од 1 минута, мора да се вклучат агрегатите и сиот тимски персонал мора да го напушти гридот.

Доколку некој од тимскиот персонал остане на гридот до сигналот од 15 секунди, возачот во тој болид ќе мора да стартува од боксовите.

За време на формацискиот круг, вежбање на старт е забрането и возачите мора да се движат во редоследот од квалификациите, притоа движејќи се блиску еден до друг.

Претекнување за време на формацискиот круг е само дозволено доколку некој болид има проблеми и сите мора да го заобиколат. Во овој случај, возачите може да го претекнат со цел да се наместат во нормалниот стартен поредок.

Кога болидите ќе ги завземат своите грид позиции на безбеден начин на крајот на формацискиот круг, 5 црвени светла се вклучуваат во секвенца од 1 секунда. Црвените светла на семафорот потоа се гаснат и воедно се означува стартот на трката.

Доколку некој возач има проблем на гридот неколку моменти пред стартот, тој мора да ја крене својата рака и стартот ќе биде откажан. Започнува нов формациски круг, кој ќе се земе во предвид во вкупниот број на кругови планирани за трката.

Секој возач кој ќе придонесе кон откажување на стартот, дури и да успее да тргне во новиот формациски круг, ќе мора да стартува од боксовите. Истиот процес важи и при рестарт на трката која била прекината.

Единствен исклучок на сите овие стартни процедури се временските услови. Доколку почне да врне дожд на 3 минути пред стартот, ќе се вклучат светлата за откажување на стартот и процесот започнува повторно од сигналот за 10 минути со цел да им се даде можност на тимовите да ги променат пневматиците.

Доколку временските услови се навистина лоши, Директорот за Трка може да одлучи да го откаже стартот до момент кога условите ќе се подобрат. Тој исто така може да одлучи трката да започне позади Безбедносното Возило, а потоа да има нормален старт од место кога патеката ќе биде доволно безбедна.