Карлос Саинз призна дека нема да дознае ништо околу својата иднина се додека Даниел Рикардо потврди дека останува во Ред Бул. Иако е се поизвесно дека австралијанецот ќе остане во Милтон Кинс, тоа треба да се официјализира со договор помеѓу двете страни.
Знам што се случува. Во тек сум. Се додека Рикардо и Ред Бул не донесат одлука и не ја објават истата, мојата иднина ќе остане несигурна затоа што морам да бидам на располагање за Ред Бул. Дотогаш е невозможно за мене да кажам каде ќе возам следната година, но штом тоа се реши состојбата ќе се промени – смета Саинз во својата изјава за Sky F1.
Шпанецот ја одработува оваа сезона како позајмен возач во Рено, но неговото име, исто како и тоа на Рикардо, се ставаа и во комбинација за Мекларен како замена за Фернандо Алонсо кој веројатно ќе се повлече.
Приоритет е да најдам место каде ќе се чувствувам добро. Реков дека сакам двегодишен договор, прв приоритет ми е Ред Бул, а потоа ќе видиме што понатаму.