По неколкуте грешки кои ги направи оваа година, колегите од Формула 1 падокот застанаа во одбрана на Себастијан Фетел. Германецот направи некарактеристични за него потези по што му го препушти водството во возачкиот поредок на Луис Хамилтон кој е се поблиску до освојување на титула.

Германија беше врвот каде Себ пред домашната публика излета право во оградата додека водеше незагрозен од никого, а во Италија, Јапонија и Америка се извртуваше по борбите со конкурентите.

Такви работи се случуваат, тоа е дел од спортот, притискате и давате се од себе, но некогаш не оди како што сакате. За жал, годинава му се случи на него неколку пати, иако сметам дека е тоа дел од играта – изјави Кими Раиконен за својот тимски колега.

Мислам дека Себастијан е фантастичен возач и многу е тешко да се суди за неговите перформанси кога не сте дел од неговата екипа. Видовме некои грешки од него, на крајот веројатно беше толку очаен да постигне нешто што беше многу тешко изводливо. Но, не е случајно четирикратен првак, има одлична екипа позади себе и ќе се врати во борбата. Има одлична можност да се бори со Луис, а Мерцедес исто така има одличен пакет за да му ја отежни работата – смета Серхио Перез.

Тоа што му се случува е дел од тркањето затоа што секогаш возите на лимитот. Сметам дека на почетокот од сезоната веројатно тој дојде до многу подобри перформанси од што болидот е способен и неколку пати победи на трки на кои Ферари немаше потенцијал за триумф, поради што се создадоа многу високи очекувања. Направи неколку грешки во вториот дел од сезоната и сметам дека само тој може да каже зошто. Кога се борите за титула, цело време сте на лимитот за да постигнете работи кои понекогаш тешко се постигнуваат со болидот кој го имате на располагање. Тој знае како се менаџира се за да се освои титула, не му е прв пат да биде во таа позиција, но само тој може да каже што му се случи – објасни Пјер Гасли.

Секогаш е тешко да се суди за перформанси на некој возач затоа што не го познавате неговиот болид и не знаете што точно се случува. Секако дека направи некои грешки кои сите ги видовме, но лесно е да се суди од надвор без да се има чиста слика за тоа што точно се случувало. Го почитувам Себастијан, тој е четирикратен првак и има за што го постигнал тоа, заслужува многу и сигурен сум дека ќе се врати. Минува низ тешки моменти, но ќе се врати – најави Карлос Саинз.


ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар
Внесете го вашето име тука

Внесете го точниот резултат. * Time limit is exhausted. Please reload CAPTCHA.