Најава: Јапонија

210
   

17та трка од борбата наречена Формула 1 сезона 2018. 34та трка во историјата на Јапонско тло, 30та која ќе се вози во Сузука (сопственост на Хонда), откако 4 пати и Фуџи (сопственост на Тојота) бил домаќин на Големата награда на Јапонија. Традиционално Јапонија беше долго време завршница на сезоната, а досега титулата била одлучена овдека дури во 13 наврати.

Првите две Јапонски Гранд При трки беа одржани во Фуџи, а првото, она од 1976 година беше историската битка за титулата помеѓу Џејмс Хант и Ники Лауда, кога тазе опоравениот и речиси целосно изгорениот австриец, плашејќи се за својата безбедност, се повлече од трката возена во монсунски услови и му ја остави титулата на Хант. Третото Јапонско ГП, а прво во Сузука беше возено во 1987 година и стана историско по повредата на Менсел, што доведе до 3та титула за Нелсон Пике. Од 1988 до 1990 година оваа патка беше рингот на кој се водеа епските борби Сена – Прост. Последната нивна битка од 1990 година, за 120.000 влезници беа пријавени 3.000.000 фанови.

Патеката е долга 5.807 километри, има 17 кривини, а капацитетот на трибините е 155.000 гледачи. Сузука е изградена во 1962 година како тест патека на Хонда и е една од неколкуте патеки во светот со облик на бројот 8 и 1,2 километри правец кој минува по мост преку друг дел од патеката.

Кругот почнува со рамнина, која не е најбрза на патеката и истата се завршува со 260 кмч. Следуваат две десни кривини од кои се излегува со 140 кмч, а потоа и 5 змиесто наредени Ѕ кривини кои се клучни за добро темпо во кругот. Кривината број 7 е долгата Данлоп, следува десната Денгер и уште една десна, која се минува со втор степен на пренос и од неа се излегува на правец. По правецот, следува свиокот број 11, Шнолата која се минува во прва брзина и едвај 60тина кмч. Следува 12от свиок, летечка десна кривина која се минува под полна гас и на крајот на истата се доаѓа близу 300 кмч. Двете кривини кои следат пред најдолгиот правец се познати под името Лажица и исто така се клучни за добро време по круг. Потоа е најдолгиот правец од 1,2 километри кој се завршува со околу 312 кмч. Следува летечки лев свиок кој води до Касионо Триангле, комплекс од три Ѕ кривини кои носат до стартно целната рамнина.

Голема награда на Јапонија во 2017 година

Патеката е “по ќејф“ на најтрофејните германци во спортот, Михаел Шумахер има 6 триумфи, а Фетел 4 до сега, еден повеќе од Луис Хамилтон. Од активните возачи триумф во Сузука имаат и Алонсо и Кими. Себ своите триумфи ги оствари од исто толку пол позиции, а Шуми овдека има дури 8 стартови од првото место. Во однос на подиумите, Шумахер повторно е доминантен со 9, Ветел има 7, а Мика Хакинен 6.

Кај конструкторите Мекларен и Ферари имаат по 7 триумфи, додека Ред Бул и Мерцедес по 4. Скудерија има најмногу пол позиции кај контрукторите, дури 9, додека Ред Бул имаат 5. Тимот од Вокинг предничи со дури 22 подиуми, 3 повеќе од Скудерија.

Патека никогаш не изобилувала со претекнувања и квалификациите се клучни. 48% од победите се остварени од пол позиција односно дури 14 пари од одржаните 29 трки, а на 38% од трките (11 пати) победил оној кој почнал од второ место. По една трка имаат возачите кои почнале од 5то и 6то место.

Победата на Хамилтон во Русија му донесе 50 поени предност во однос на Фетел на 5 трки пред крајот. Валтери Ботас е на 3то место со 3 поени предност од Кими Раиконен, додека Верстапен е 5ти со 28 поени зад Кими, а 24 пред Даниел Рикардо. Најдобри од останатите се Кевин Магнусен и Нико Хулкенберг кои имаат по 53 поени, зад нив е Фернандо Алонсо со 3 помалку, а 10ти и 11ти се Перез и Окон со по 47 поени.

Кај тимовите, Мерцедес води со 53 поени предност, Ред Бул се безбедни на 3то место, а предноста на Рено во однос на Хаас се намали на 11 поени. Предноста на Мекларен на 6то место во однос на Форс Индија исто така се намали на 25 поени, додека Заубер дојде на само 3 поени од Торо Росо.

Луис Хаимлтон втора трка по ред ја чека својата 80та пол позиција во кариерата, Себастијан Фетел може да стигне до својот 110ти подиум, додека евентуален подиум за Рикардо и Ботас ќе биде 30ти за нив. Италијанците од Ферари од Спа ја чекаат својата 220та победа, додека триумф за Ред Бул би бил 60ти за нив.


Најава: Јапонија

Внесете го точниот резултат. * Time limit is exhausted. Please reload CAPTCHA.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>