Британија: Та-та-та … Ветел победи

6511

Себастијан Ветел стигна до својата 51ва победа во кариерата и својто 105ти подиум откако ја прекина доминацијата на Мерцедес кои не знаат за пораз на Силверстон од 2012 година. Подиум број 124 за Луис Хамилтон и неговото 2ро место, но и подиум број 97 за Кими Раиконен со кој се изедначува со Фернандо Алонсо. Победа број 233 за Скудерија Ферари, прва по 2011 година на оваа патека кога победија со Фернандо Алонсо во болидот.

Британското Гранд При возбудливо како ретко кога последниве години од стартот се до последниот круг, две безбедносни возила, промени на водството, различни стратегии и само 14 болиди со пласман.

Стартот напаѓачки од страна на Скудерија, како што се очекуваше. По првите неколку метри Ветел веќе беше пред Хамилтон на прво место, Ботас мина на второ, а Хамилтон остана да го брани 3то од Кими Раиконен кој исто така тргна опасно добро. На 3та кривина, Кими се прецени на кочење, а Хамилтон не остави доволно место така што предното лево тркало на Ферарито имаше контакт со задното десно на Луис. Ова значеше извртување на Мерцедесот, по што Хамилтон мораше да продолжи од последното место.

На стартот свој дуел имаа и Магнусен и Гросжан, дуел во кој имаше контакт по што возачите на Хаас кои се надеваа да продолжат со одлични поени по крајот на првиот круг беа на 10то односно 13то место. На крајот, Гросжан во ограда, Магнусен во поени.

Првото откажување дојде во 3от круг кога Брендон Хартли се паркираше. Новозеланѓанецот тргна од боксот круг претходно, а успеа да комплетира само еден круг откако цел ден механичарите на Торо Росо работа да ја поправат штетата од Т3 вчера како и да монтираат нови делови од Хонда во моторот.

Во 6от круг Хамилтон веќе беше во топ 10 откако нанижуваше по 2-3ца возачи секој круг. Во 8от круг Хам го мина Саинз за 9то, во 9от круг го мина Окон за 8мо, следниот круг Леклер за 7мо, а во 11от круг и Хулкенберг за 6то место.

Во овие моменти беше пренесена информацијата дека Кими Раиконен добива казна од 10 секунди по контактот со Луис Хамилтон од првиот круг. Казната ја одлежи при следното менување гуми.

Во 14от круг Кими Раиконен влезе во бокс, од софт промени на медиум и остана 10 секунди во место за да ја одлежи казната која му беше изречена неколку кругови претходно. Влезе во пит како 4ти, а излезе на 11то место, истиот круг го мина Магнусен и влезе во топ 10, а потоа, во следните кругови ги мина и Саинз, Окон, Леклер и Хулкенберг за да дојде до 6то место, зад Луис Хамилтон.

Макс Верстапен во 18от круг од 3то место беше прв од водечката тројка кој се одлучи за промена на гуми, менувајќи од софт на медиум. Холанѓанецот излезе на 5то место, а круг по него истото го направи и Даниел Рикардо.  Во 20от круг промени Ветел, следниот круг и Валтери Ботас, а Хамилтон во 25от круг од трката.

Кругот број 19 беше последен за Шарл Леклер. 20-годишникот влезе да промени на медиум, но небезбедо беше пуштен на патеката со едно тркало несоодветно наместено и веднаш се паркираше крај патеката.

Даниел Рикардо прв пријави проблем и со овој сет на гуми по што во 31от круг влезе по нови софт гуми.

Кругот број 33 беше моментот кога се појави првото Безбедносно возило поради Маркус Ериксон. Швеѓанецот со својот Заубер преоптимистички се обиде со отворен ДРС да мине низ првата кривина, свиокот Аби, но не успеа и излета право во оградата. Ова беше прва незавршена трка за двата болиди на Заубер од Монако во 2017 година.

Безбедноното возило го искористија Ветел, Верстапен и Раиконен да променат на помеки свежи гуми, а Мерцедес повторно отиде контра нив и остана на патеката.

Безбедносното возило се повлече во 37от круг, Ботас ја поведе колоната, пред Ветел и Хамилтон, следуваше Верстапен, а потоа Раиконен и Рикардо. Кими веднаш нападна, го превзема 4то место, но Макс го врати.

Трката траеше едвај половина круг затоа што Роман Гросжан од Хаас и Карлос Саинз од Рено се преценија кога сакаа да минат низ Аби паралелно тркаќи се за позиција. Се појави второ Безбедносно возило кое остана на патеката до 41от круг кога почна вистинска, пеколна трка.

Во кругот број 43 по многу обиди, Раиконен го превзема 4то место на Макс Верстапен и се залепи зад Хамилтон. Четири кругови подоцна Макс Верстапен излета на кратко откако се бореше со Даниел Рикардо да ја зачува својата позиција. Се врати на патеката, но веднаш се паркираше крај асфалтот.

Главната борба беше за прво место и истата траеше од повлекувањето на Безбедосното возило. Ветел успеа во 47от круг да го мине Ботас со фантастичен маневар под ДРС а круг подоцна Луис беше пропуштен од страна на Валтери за 2ро место. Следниот круг и Раиконен го мина Ботас, но не можеше и Хамилтон, како што Рикардо не можеше да го помине Валтери.

Подиум за Ветел, Хамилтон и Раиконен, следуваа Ботас и Рикардо. Најдобар од останатите Нико хулкенберг, пред Естебан Окон и Магнусен од Хаас. Поен за Фернандо, а два за Гасли. Трката ја завршија уште и Перез, Вандорн, Сироткин и Строл.

На крајот на трката, неспортски, Луис Хамилтон не се појави на интервјуата по трка и се упати кон собата од која се оди накај подиумот. Но, Мартин Брандл од Скај Спортс направи се за да ја поправи ситуацијата и го пречека Хамилтон на подиумот каде тој го даде своето “намуртено“ интервју.

Себ го зголеми водството во генералниот поредок на 8 поени пред Хам, додека Кими Раиконен е 55 поени зад него. Сепак, финецот е 10 поени пред Даниел Рикардо кој има 2 поени предност пред Валтери Ботас, а Верстапен е дополнителни 11 поени зад возачот на Мерцедес. На 7мо место е Нико Хулкнебрг со 2 поени предност во однос на Алонсо, а 3 во однос на Кевин Магнусен.

Кај конструкорите, предноста на Ферари е зголемена на 20 поени, Ред Бул се 3ти, а Рено 4ти со 70 поени. 19 поени зад Рено се Хаас, додека 3 поени зад американците се Мекларен и Форс Индија.


Британија: Та-та-та … Ветел победи

32 коментари

Внесете го точниот резултат. * Time limit is exhausted. Please reload CAPTCHA.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>